април 02, 2007

Глад


Не јадев поради тебе.
Се најадов со љубов од срцето твое
со отров од усните твои.
Гладна сум, но сепак сита.
Сита од тебе, од среќата наша,
од страста меѓу двете тела,
од бакнежите меѓу двете усни.
Но ситоста кратко трае кај мене.
Повторно сум гладна за твоите усни
за твојата љубов, за твоето тело.


Убиство



Го молам вечерва ветерот
да го понесе парчето љубов
од моите усни
и бесшумно да влезе низ твојот прозор.

Да слета на твоите усни
скришум да украде дел од отровот
кој го носат со себе.

Посакувам да ми е тоа последен бакнеж,
последна воздишка на овој свет.

Да заминам во царството небесно
знаејќи дека ти ме уби со љубов,
да одлетам со мисла дека умрев од тебе, за тебе, со тебе...



март 17, 2007

Топчето на љубовта


Не е слеп оној што не гледа,
не е глув оној што не слуша.
Слепи и глуви сме јас и ти
што го слушаме само шепотот на срцето
и го гледаме само лицето на љубовта.

Ќе ми го вратиш ли срцето
онакво какво што го доби?
Чисто, отворено, без рани и лузни?
Верувам дека не.
Но тоа не ме боли.
Подавајќи го срцето
се заколнав на љубов
знаејќи дека таа
шета низ душите
заедно со болката.
Она што ме боли
е фактот дека ти никогаш
нема да ми го вратиш срцето назад.

Подај ми го топчето на љубовта
топчето на болката,
топчето на песната.

Возвиши ме, сакај ме, имај ме
но не заборавај:
ние сме само души кои секој ден
се чекор поблиску до небесното царство.

март 12, 2007

Среќен добитник



Ми ги откина крилјата,
ми ги пресече нозете
да не летам, да не одам
да не заминам од тебе.

Ме научи да живеам,
ме научи да патам
ме оглуве, ме ослепи
да не гледам и не слушам други.

Ме доби! Твоја сум!
Ти се предадов целосно,
ти ја предадов душата,
ти го подарив срцето.

Среќен ли си?
Или сакаш уште нешто?
Ти се исполна ли срцето со радост
затоа што не припаѓам на друг?
Ете ме, ме имаш, ме поседуваш!
Сега уживај додека сум твоја
и научи како да ме задржиш засекогаш.

Забрането


Две души,
изгубени низ животот
две срца,
заљубени до болка.

Патуваме низ животот,
ги собираме забранетите плодови.

Јас сум девојка,
која безрезервно ти се подаде,
го отворив срцето
и дозволив да ме поведеш во неповрат.

Ти си човек,
кој ме научи да сакам,
да сонувам,
да живеам.

Капат капки од моето срце,
се леат врз твоето.
Се врежуваат спомени,
остануваат траги, неизлечиви, болни.

Забранетото го посакуваме,
го сакаме, мечтаеме за него.
Сонувам за забранетото овошје
од дрвото на љубовта.

Го скина ли - ќе изгориш.
Не го скина - ќе умриш мечтаејќи...

март 01, 2007

Срце



Го дадов срцево
послужено на чинија,
мислев ќе го добијам назад
какво што го оставив:
цело, нескршено, неповредено.

Го зеде без збор да кажеш.
Го зеде и ми дозволи да верувам
дека ќе го чуваш како сувенир,
дека ќе го штитиш од секакви повреди,
дека нема да дозволиш да се скрши.

И вистина е.
Го чуваше, се грижеше за него...
Беше вградено во твоето срце,
заедно талкаа низ љубовната галаксија.

Урамено висеше на зидовите
во твоето срце,
наивно те повикуваше да ја испробаш неговата јачина.

Ја испроба ли? Силно ли е?
Го издржа ли ударот кој му го зададе?
Веројатно не.

Сега е скршено, а рамката уништена.
Разделено е на безброј парчиња
кои ја губат својата смисла
и никогаш нема да се соединат како претходно.
Секогаш ќе бидат дел од срцето кое се скрши,
но никогаш нема да бидат срце кое безрезервно ќе сака.

Боли. Зверски боли кога некој сакан
ќе ти забоди тогаш наострен нож,
во средината на срцето.
Ја осеќаш оштрината на шилестото парче железо
како ти ја пара внатрешноста на срцето.
Ја осеќаш топлината на пролеаната крв.

Ја осеќаш ли??

февруари 28, 2007

Чудна игра


Постои ли разлика меѓу сонот и јавето?
Постои ли разлика меѓу копнежот и вистината?
Постои ли разлика меѓу тебе и она што си ти?

А кој во суштина си ти?
Мој другар?
Мој познаник?
Мој дечко?
Моја љубов?

Не знам... Знаеш ли ти?
Знаеш ли да го дефинираш ова што го имаме?
Магија ли е,
Судбина ли е?

Не верувам во магии, значи не е магија.
Верувам дека сами си ја кроиме судбината, значи не е ни судбина.

Се познаваме ли доволно
За да кажеме дека се сакаме?
Јас велам те сакам, тоа го осеќам.
Ти велиш ме сакаш, тоа ти го осеќаш.
Но каква љубов е таа која не се дохранува, која не се зачинува?

Во заблуда ли сме, во право ли сме,
ќе покаже времето.

А дотогаш ни преостанува
Да ја играме играта која ја започнавме
Играта на чудната љубов.

февруари 25, 2007

За еден сонувач



Минаа денови, минаа недели
Минаа месеци, минуваат години.

Се удавивме во капката вода
Затоа што не знаевме да пливаме.
Или знаевме ама не се потрудивме да ги испружиме
Рацете и да запловиме низ водите на љубовта.

Сети се
На деновите минати на клупите
На зборовите кажани од срцето
На бакнежите пролеани низ усните.

Помисли
На крвта пролеана низ вените
На болката почувствувана во градите
На ноќите поминати во постела.

Ете ја месечината, ја осветлила ноќта.
Свети над мене,
Свети над тебе.
Ти праќам бакнеж по ветерот
И љубов по звездите.

А ти сонувачу,
Се потопи во мислите
Потона во тишината
И заспа на дното на заборавот.



Сети се




Се сеќаваш ли
На смеата низ дворот
На девојката со бисерна насмевка
На животот во бескрајна среќа.

Се сеќаваш ли
На раскрсницата на која се наоѓавме
На мирисот на тезе печен леб
На вкусот на безрезервната љубов.

Се сеќаваш ли
На лежењето под дрвјата
На бакнувањето на плажата
На вечерите исполнети со љубов.

Се сеќаваш ли
На песните напишани за тебе
На лудостите направени за тебе
На чувствата наменети за тебе.

Сети се на денот кога ќе ја прочиташ
Последната песна наменета за тебе
Зашто никогаш повеќе нема да имаш прилика
Да го осетиш вкусот на безрезервната љубов
И да ја видиш девојката со бисерна насмевка.


февруари 08, 2007

Бура




Седам јас потпрена на масата
со поглед вперен кон прозорецот
и зјапам низ немирната олуја. 

А надвор, жив човек не можеш да видиш,
се скриле чиниш полжави во своите куќарки.

Низ светлината на грмотевицата
те видов тебе,
стоеше гол и незаштитен
пред погледот на моите очи.

Ми подаде рака, ме повика кај себе
и несебично ми го отстапи своето место
под стреата на неизмерното пријателство.

Лие дожд од небото,
паѓаат капки од срцата,
венеат солзи на лицата.

Гребка нешто на срцето
не дава да се отвори.
Таму, во еден дел од него живее
херојот над хероите
пријателот над пријателите
човекот над човештвото.
Се топли и си чмае
се надева дека никогаш нема да излезе.

И нема, се додека постои,
се додека го чувствувам,
се додека ме гребка.

 

декември 17, 2006

Муза





Прашина.
Цел куп прашина
Собран на полицата на срцето.
Ништо ново не се случува.
Тапка во место.
Залудно го бара, бидејќи нема никогаш да го најде.
Напната ситуација.
Патоказот кон иднината го нема.
Го прегазиле годините.
Се чудиш што е ова? Празни зборови. Неповрзани реченици.
Се мислиш што сакам да кажам? Не знам ни сама.
Се трудам да отсликам нешто...но не оди. А зошто?
Одговорот е едноставен - немам инспирација.
А зошто ја немам е многу сложено.

Неизмерна љубов...




Ја сакам.
Неизмерно ја сакам.
Ми го направи животот полесен,
Ми ги направи проблемите решливи,
Ми помага да ги остварам плановите.
Ми помага, ме сака...
Ме гали по косата кога плачам,
Ме прегрнува кога се тресам.
Ми дава чувство на сигурност, љубов и топлина.
Со еден збор, ми го направи животов единствен.

Но се плашам.... што кога ќе ја нема?
Што кога сите тие совети, сета таа љубов и топлина
Ќе останат само сеќавање?
Што тогаш?
Што кога ќе нема кој да ме поддржи, тогаш кога ќе згрешам?

Тогаш само ќе се сеќавам на неа како
Жена со цврст карактер
Жена со мила насмевка
Жена што со поглед знае да искара
Жена што зрачи со љубов и топлина.

И сето тоа ќе ми недостига... многу...
Толку многу, што ќе ја довикувам во сон,
Ќе го изговарам нејзиното име кога ќе ми е тешко
А таа и понатаму ќе ме сака и ќе ми помага
Со тоа што ги пресади љубовта и топлината
Во моево срце.






На мојата мајка

октомври 17, 2006

Смртта на совршената љубов


Последна ноќ. Последни погледи. Последни бакнежи. Последно водење љубов.
Зазвонав на вратата. Чекав во неизвесност, бидејќи не знаев кој филм ќе го гледаме. Ми отвори. Ах, тој мирис... STR8... му го купив за последниот роденден. Блескава насмевка. Ме бакна нежно и ми го растрепери срцето. Влегов во собата. Наместо филм, ме дочекаа безбројните запалени свеќи кои гореа во темнината. И аквариумот во ќошот. Тоа беше единствената светлина. Се погледнавме право во очи и го видов одблесокот од најблиската свеќа како догорува во неговите зеници. Ме фати полека за рацете и ме поведе до креветот. Во позадина тивко свири „I will always love you“. Бакнувајќи се легнавме на креветот и им се препуштивме на страстите. Се разбудив доцна во ноќта. Бев заробена во неговите прегратки и залепена до неговите усни. Го гледав како спие и го вдишував секој воздух кој го издишуваше. По некое време се разбуди. Ме погледна во очи и издивна. Не кажавме ни еден единствен збор, само силно се прегрнавме и двајцата заплакавме. Беше тоа постела послана со крвави солзи. И крвави траги од нашите срца. Станавме и повторно се прегрнавме. „Време е да одам“ му реков и ја распарав тишината меѓу нас. Не сакав да доаѓа да ме испраќа, знаев дека ќе ми биде потешко. Но, сакав да го имам и во последните мигови од таа ноќ.

Стигнавме пред вратата. Последната дестинација, последните моменти од нашата љубов. Застана пред мене, ми ги бакна двете раце и ме погледна. Таков искрен поглед не сум видела никогаш. Молчевме како мачка да ни ги изела јазиците. Молчевме и се гледавме. Мислев дека ќе се расплачам прва, дека машките не плачат. Но грешев. Му протече една солза низ образот, се` до устата. Ја избриша и ми рече дека било од ветерот. Но таа по неа и таа по неа и сите други солзи што следеа по нив го издадоа. Плачевме како мали деца, се гушкавме како најдобри пријатели, се бакнавме како најголеми љубовници. Нежен бакнеж... Неговите усни над моите.. Ги осеќам врелите солзи како се тркалаат по лицето. Како да траеше цела вечност. Го погледнав за последен пат, трудејќи се да ги игнорирам солзите. Сакав да го запаметам по насмевката и веселиот дух. Затоа и се насмевнав бришејќи си ги солзите. Да ме запамти по смеата и големата искрена љубов. Срцето ми плачеше додека велев збогум. Ја кренав високо главата и со горда насмевка го кажав, за мене најболното збогум. Зачекорив наназад, држејќи му ја раката полна со остатоци од солзите. Го пуштив и влегов внатре без да се завртам уште еднаш назад. Низ прозорот од собата го гледав како полека заминува и се губи во темнините на уличката.

Знаевме дека е тоа последна ноќ на нашата вистинска, неповторлива љубов, бидејќи наредниот ден се качив во автобус со табла Охрид- Љубљана и заминав далеку од него.


ноември 2005

октомври 06, 2006

Лутам...


Лутам. Лутам низ улиците на животот.Не можам никако да најдам начин да го средам овој беден живот. Зошто беден? Ни сама не знам да одговорам на тоа прашање. А сепак знам дека е беден. Чувствувам дека сум на дното. Се чувствувам безвредна, неспособна и недоволно добра за да успеам во овој круг на луѓе во кој започнав да живеам. Живеам тивко и без последици, што значи дека не живеам. Човек што не дејствува е исто што и човек што не живее. „Луди мисли“ – ќе рече некој. Но, тој некој не ја почувствувал горчината на животот на начин на кој јас ја чувствувам. Тој некој не знае како е да се разбудиш со мислата дека и овој ден ќе помине како и сите други - без да се направи нешто. Тој некој не знае како е да се будиш и да живееш без пријател покрај себе. Пријател на кој можеш да му се обратиш во било кое време и за било каков проблем. Не знае како е глупаво чувството кога околу себе гледаш маски, а не можеш да направиш ништо за да го смениш тоа. Едноставно стануваш дел од таа игра и тотално се променуваш. Играш по нивни правила иако знаеш дека не е убаво и не ти се допаѓаат. Но што можеме? Животот ни носи чудни работи, не води низ чудни патишта. Некои од нас ги поминуваат, некои не... Прашање е само колку си психички силен. Тоа одлучува СЕ!

декември 2005

октомври 05, 2006

Oчај



Еве ги влегуваат.
Се поздравувам, ми честитаат.
Насмевката ми ја прикрива сегашната состојба
И се изгледа како измислено.
Звони телефонот, а јас прва дотрчувам до него.
Кревајќи ја слушалката ги чувствувам
Милионите пеперутки низ стомаков.
Се јавувам и женски глас ме пресекува.
Повторно разочарување.
Не знам по кој пат вечерва.
Болка и напнатост во градиве.
Како камен заглавен меѓу две карпи.
Го чувствувам секое чукање на срцево.
И повторно телефонот зазвонува
И повторно пеперутките живнаа
И повторно....
Очај!



04. 10. 2006

Немој


Не оставај ме! Не!
Не напуштај ме, немој барем ти.
Остани со мене, крај мене, во мене
И чувствувај ја горчината на потопената љубов.

Дозволи нека бидам дел од
твоите сништа
твојата душа
твоето срце.

Кога ќе почувствуваш грутка во грлото
Која не ти дава да проговориш
Знај дека е време да ме пратиш во заборав.

Закопај ме длабоко и остави ме
Да гнијам во небесната длабочина.

Ослободи се од мене рушејќи ја
Судбоносната приказна.

И проговори! Гласно, силно,
Без никакво воздржување.

Дури тогаш ќе поминеш низ пеколот
Кој некогаш го нарекуваше очај.





05. 10. 2006

септември 03, 2006

Грешка




Клекната пред Бога
молам за прошка.
Но, кого ли залажувам?
Никој не може да ми опрости
додека сама себе не си опростам.

А јас не можам. Не можам да замижам
пред она што го направив.

Парче огледало наоѓам на подот.
И што гледам во него?
Празен поглед низ кој ги гледам одвратноста
и грозотијата на оваа девојка.
Валкана е во душата.

И сеуште клечам пред олтарот
желна за прочка.
Но, овој пат барам прочка од моите најблиски.
Ги повредив. А тие не знаат. Не сум им кажала.

Го докршив и последното парче
огледало во собата на тајните.
Полна сум со бес и презир.
Ја мразам! Ја проколнувам!
А кого? Самата себе!
Да, да се мразам и проколнувам
поради тие проклети 10 минути од мојов живот.

Згрешив. Знам. и тоа премногу.
Но, нели сме сите грешници и имаме право на грешка?
Така е. Но, некои не го разбираат тоа.
А посебно не оние на кои има нанесов бол.

Мислат дека ги предадов, ги изневерив.
А во суштина, во право се.
Ги предадов нив, се изневерив самата себе
и ги предадов принципите до кои се придржував цел живот.

И повторно покорно клечам
и се поклонувам пред Господа
во надеж дека ќе ми помогне
да си ја опростам оваа фатална грешка.



03. 09. 2006

септември 02, 2006

Приказна за исчезнатите погледи

Есен е. Лисјата треперат на разголените дрвја. Раскажуваат приказна за двата погледи кои се одамна мистерично исчезнати во длабочините на морето.

Се слуша жуборкање на водата и детски плач… Застанувам. Ги гледам покрај дрвото седнати. Не забележуваат што се случува околу нив, живеат во нивниот свет. Си шепотат. Нејќат да ги поделат тајните со остатокот на човеството и тивко шепотат. Таа е така нежна и мила, а тој толку силен и цврст. Ја прегрна….. Од назад, онака заштитнички и и прошепоти нешто на увото. Таа се насмевна и го бакна. Страстен бакнеж беше тоа. Се прегрнаа силно и ги разгореа страстите што тивко тлееа во нив долго време. Неговата рака ги допира колената….. Се движи. Оди со раката се погоре и погоре. Стигнува до нејзиното здолниште. Но не, не запираат тука. Со едната рака во меѓуножјето а со другата на нејзините гради. Живеат за тој момент! Не мислат на другите. Сонцето ги осветлува се повеќе и повеќе, а јас стојам и набљудувам. И во тој момент го почувствував неговиот поглед како шета по моето тело. Се засрамив но не го тргнав мојот поглед. Ах, очите… длабоки страсти се кријат во нив. Одблесокот од сонцето им дава необичен сјај! Ја прегрнува и преку нејзиното рамено ми шепоти. Но јас не го разбирам. Можеби затоа што не го гледам во усните, туку го гледам во душата. А душата му е отсликана во очите. Ме гледа и се потсмевнува… Ја гали и милува со поглед вперен во моите гради. Чувствувам како ме соблекува со длабокиот поглед. Тоа е така расипано… Ја изневерува со поглед!... Но, мене тој поглед ме маѓепса. Тргнувам накај него… Одам и не го тргам погледот од неговите очи. Се приближувам… Неговиот поглед ми говори дека ме посакува. Чекорам кон него и се насмевнувам. И одеднаш, како со нож да ме пресече во срцево кога го сврте погледот кон неа! Застанав. Не можев понатаму бидејќи го немаше поледот кој ме водеше. Му ја гледам иронијата во насмевката. Со циничен поглед ме погледна за последен пат и држејќи ја неа за рака отпатува во незаборав.

А јас повторно го слушнав жуборењето на водата и детскиот наивен плач и продолжив да чекорам кон својата иднина.

Лисјата раскажуваат за таа приказна и тие погледи обединети во едно, а морето ја носи со себе мистеријата на човеството и иронијата на маѓепсувачкиот поглед.


август 31, 2006

Крај



Зошто?
Зошто ме натера да ставам крај
На нашата љубов
И да морам да те заборавам?
Зошто мораше да бидеш толку тврдоглав
И да ја создаваш омразата меѓу нас?
Те сакав. Бескрајно те сакав,
Те возвишував
Те споредував со анѓели
Те сврстував меѓу светците.
А ти по толку години
Изгради зид меѓу нас.
И љубовта кон тебе
Се претвори во омраза.
Те мразам
Длабоко од душава и срцево те мразам!
Но, што зборувам јас?
Се трудам да ја отсликам мојата душа или моето срце?
Сеедно... и двете се повредени.
Повредени од тебе.
Ме боли.
Таму кај што ме рани премногу ме боли.
А ти?
Ме повреди и замина
Во прегратките на друга.
Колку само брзо ме замена.
Дојде таа
Да те бакнува
Да те милува
Да те љуби.
А јас?
Како крпа парталава
Лежам вечерва на подот
И лијам солзи
За да го вратам неповратливото.
Свесна сум дека не вредиш
И вртам нов лист
Во книгата на животот.
Вртам, а тебе те оставам
Некаде назад, некаде далеку
Во заклучениот и неповратлив
Дел од мојот живот.



Нашето збогум




Бескрајна тишина.
Глува темнина го обзеде моето срце
И поглед некако далечен
А сепак близок...
Робови сме на тишината.
Ме боли,
Длабоко во срцево и душава обвиени со студ ме боли.
Чувствуваш ли?
Ме гледаш
Со прозирни очи вперени во моите насолзени
За момент светот застана....
Постојат само нашите смрзнати погледи
Кои гледаат еден во друг.
А твоите очи...
Тие се така кристални и прозирни.
Даваат одблесок на твојата немилосрдна душа.
Чиниш сета длабочина е збрана во очите.
А моите?
Насолзени,
Кристално јасен поглед кој тагува
Тагува во тишината.
Се лијат капки солзи од длабочината на немирните очи
Се преплетуваат тишината и темнината низ нашите погледи
И тука се` завршува.
Нашите погледи се разделуваат и го велат болното збогум.